Дали Советскиот Сојуз имал подобар спејс-шатл во Студената Војна?

Spread the love

Кога американскиот спејс-шатл се појави како нова технологија, светот немаше видено ништо слично пред тоа. Беше првото вселенско летало што може да се користи повеќекратно, со кое патувањето во вселената станува попристапно, побезбедно и речиси рутински.

Инспирирани од таква идеја, во 1970-тите САД целосно се пренасочуваат кон производство на различни модели на спејс-шатл, како што се Колумбија, Челинџер, Дискавери, Атлантис и Ендевор.

Колумбија полетува во 2003 година. По 16 дена поминати во орбита, спејс-шатлот ќе експлодира при спуштање на земјата поради оштетување на изолацијата на горивото што се случило при полетување. Несвесни за оштетувањето, тимот на Колумбија продолжува со мисијата со која изведува 80 експерименти во орбита, но никогаш не успева да го преживее влегувањето во атмосферата.

Во 1988 година, пак, светот дознава дека и Советскиот Сојуз има спејс-шатл, наречен Буран, којшто бил тајно развиван преку една декада и за кој биле потрошени милијарди. Не би ме изненадило ако не сте чуле за тој шатл со оглед дека Советскиот Сојуз го има лансирано само еднаш, по што завршува во вечен заборав.

Не е дека не бил доволно добар. Напротив, првото лансирање било огромен успех. Во многу аспекти овој шатл имал повеќе способности и бил поцврст од американскиот во тоа време. Но, по првото лансирање, Буран целосно исчезнува од очите и ушите на јавноста. За да разбереме зошто, треба да се вратиме во доцните 1960-ти.

Вселенската трка во 1960-ти

Во 1960-тите, советите дознаваат дека американците планираат да ги заменат нивните конвенционални ракети со летала што може да се користат повеќепати. Односно, летала со кои екипажот ќе може безбедно да слета на земјината површина и потоа ќе може повторно да се употребат за ново лансирање.

Првично, советите воопшто не биле загрижени за таквиот план на американците. И тие самите имале истражувања за вселенски летала за повеќекратна употреба, плус биле многу зафатени со еден куп други проекти за вселенска технологија. Сè уште биле во конкуренција со американците за освојување на месечината, имале амбициозни планови за изградба на вселенска станица, па дури и за база на месечината.

Паранојата на Советскиот Сојуз

Но, кон 1975 година, расположението кај советите веќе се изменило со оглед дека не успеале да стигнат до месечината. Тие почнале да паничат мислејќи дека американскиот спејс-шатл може да биде употребен како вселенско оружје. Така, советските истражувачки институти земале да ја проучуваат шатл програмата на САД и почнале да се сомневаат дека целите на програмата што се шират во јавноста од владата на САД можеби воопшто немаат врска и американците всушност создавале нешто друго.

Како прво, американците со шатлот ветувала поефтино патување во вселената. За советите пак било очигледно дека трошоците за лансирање на шатлот всушност ќе бидат многу поголеми од тие за претходната технологија што шатлот требало да ја замени. Плус тоа, со шатл програмата се ветувале неверојатни 60 лансирања годишно, што значи американците би можеле да носат многу повеќе материјал во орбита – десетпати повеќе одошто претходно било возможно.

Кога ја споредиле програмата што се ширела во јавноста со реалните планови на НАСА, советите почнале да се сомневаат дека можеби американците затскриваат воена програма зад развивањето на шатлот. Почнале да се сомневаат дека шатлот можеби ќе се користи за лансирање на ново оружје, на пример многу моќен ласер, кој ќе можат да го однесат во орбита со помош на спејс-шатлот, да го испробаат, па да го вратат назад безбедно за дополнителен развој.

Тие сметале дека со летало од типот на спејс-шатл, американците би можеле да ја милитаризираат вселената многу побрзо од нив самите и дека со шатлот ќе можат да ги преземаат советските шпиунски сателити, коишто потоа ќе ги вратат на земјата за да ги проучуваат.

Згора на сите стравови што Советскиот Сојуз ги имал во врска со шатл програмата на американците, тие откриле дека САД тивко гради втора локација за лансирање на шатлот во Калифорнија во Воздухопловната база Ванденберг. Знаеле дека ако шатлот се лансира од Ванденберг, уште во првата орбита шатлот ќе ги има на виделина сите поголеми населени места во Советскиот Сојуз.

Според теоријата на советите, шатлот можел да се искористи при нуклеарна војна со тоа што нуклеарката ќе може многу побрзо да се лансира и да стигне до Советскиот Сојуз отколку советските нуклеарки коишто би биле лансирани од земја.

Затоа, советската армија уште повеќе почнала да го притиска режимот на Советскиот Сојуз да одобри развивање на советски спејс-шатл, иако малкумина во советската вселенска програма воопшто сакале да работат на таков тип летало.

Буран

По четири години откако американците почнуваат да работат на првиот модел на спејс-шатл, Кремлин дава потајна наредба за започнување на развојот на советски спејс-шатл. Го крстиле Буран, а неговиот развој ќе биде добро чувана тајна во наредната деценија.

Кога американците првпат го лансирале својот прв спејс-шатл на 12 април 1981 година, на 20-годишнината од лансирањето на првиот човек во вселената од страна на Советскиот Сојуз, советските медиуми се ставиле во голема офанзива. Се обидувале да оцрнат лансирањето со тоа што ги обвинувале американците дека се обидуваат да стават воено летало во орбита и постојано нагласувале дека советската вселенска програма била наменета само за подобрување на науката и човештвото. Многу малку советски граѓани (освен тие што биле вклучени во изградбата на советскиот шатл) немале поим дека нивната влада тајно тестира сличен шатл.

Споредба на Буран и американскиот шатл

Во дизајнот, Буран бил многу сличен на американскиот шатл. Не поради аеродинамиката или термодинамиката, туку целта на советите им била брзо да изградат нешто што ќе биде барем на еднакво ниво со воениот потенцијал на спејс-шатлот на американците. Згора на тоа, имале и пристап до некласифицираните податоци за технологијата на шатлот.

Со оглед дека советите и онака биле доста способни да создадат нешто добро, се подразбира дека не го ископирале само американскиот спејс-шатл. Успеале да направат одредени подобрувања со кои Буран би бил далеку подобар во некои аспекти.

Како прво, имало доста голема разлика во начинот на кој Буран и американскиот спејс-шатл достигнувале до орбитата. Американскиот шатл користел вградени главни мотори за повеќекратна употреба кои се снабдуваат со гориво преку надворешен резервоар. Но, бидејќи моторите не биле доволно моќни за да го понесат шатлот во орбита, морало да се додадат два дополнителни ракетни засилувачи (бустери) за еднократна употреба.

Буран немал вградени мотори, а сета моќ за да се лансира во орбита доаѓала од одделна супер-тешка ракета наречена Енергија. Оваа ракета се состоела од јадро и четири засилувачи. За разлика од американскиот спејс-шатл, којшто со засилувачите формирал единичен систем, Буран и ракетата сочинувале два одделни системи.

Иако американскиот шатл со своите вградени мотори овозможувал повеќекратна употреба, во пракса тој барал интензивно одржување меѓу лансирањата, што пак влијаело негативно врз предноста што ја нудел. Плус, вградените мотори не се употребувале кога шатлот е во орбита, па затоа во повеќето мисии шатлот морал да влече дополнителен „мртов“ товар (засилувачите).

Буран од друга страна можел да носи малку поголем корисен товар од спејс-шатлот, но пред сè нудел флексибилност. Ракетата Енергија можела да се лансира и самостојно без да биде прикачен Буран на неа, што значи можела да носи и други работи во вселената. Без Буран, ракетата Енергија можела да понесе неверојатни 100 тони. За споредба, биле потребни три спејс-шатлови за се понесе толкав товар.

Тврдогоривни ракетни засилувачи (бели) на NASA

Во првата фаза на лансирањето на американскиот спејс-шатл се користеле тврдогоривни ракетни засилувачи. Проблемот со нив е што чим тие се активираат, нема начин да ги изгаснете.

Ракетата Енергија пак користела течно гориво и поради тоа дозволувала одредена контрола, како забрзување или целосно гасење во итен случај.

Освен тоа, Буран имал и систем на седишта за исфрлање на екипажот во итен случај, којшто можел да се користи ако нешто тргне наопаку во моментот на лансирање и до височина од 30-35 километри.

Уште на почетокот, Буран нудел можност за целосно автоматизиран лет. Тоа значи дека можело да се лансира, да се стави во орбита и да се вратат назад на земјата без воопшто да мора да има екипаж во него. Таквиот систем за автоматско летање бил особено погоден за спасувачки мисии.

Првото и единствено лансирање

Првото лансирање на Буран се случило во ноември 1988 година. Западните медиуми биле доста импресионирани од него, особено од системот за целосно автоматизирано слетување.

Тој есенски ден во 1988 година, иднината на советската вселенска програма, барем во очите на останатите земји, личела прилично надежна и ветувачка. Медиумите шпекулирале дека Буран ќе се користи за изградба на вселенски станици, или можеби како вселенско летало за мисија до Марс.

Лансирање на буран, 15 ноември 1988 година, 4:00 часот наутро

Но, за жал Буран доживува само едно лансирање. Подоцна истата декада, Советскиот Сојуз почнува да се распаѓа и финансирањето за Буран почнало да се намалува, а на крајот и целосно било прекинато. Иако совеските инжинери завршиле прилично добра работа, целата програма почнала да акумулира апсурдно големи трошоци.

Исто како и американскиот спејс-шатл, така и Буран бил скап и неефикасен. На русите им останува ракетата Сојуз, којашто се користи до денешен ден и којашто е способна за понесување на товар во орбита за шестпати поефтино од Буран.

Ако не пропаднеше Советскиот Сојуз, можно е Буран да беше основата за идните мисии на советите, односно за конструкција на вселенски станици во орбита, или за мисии на други планети. А можеби и не.

Буран беше производ на паранојата на советите дека американците создаваат шатл со огромен воен потенцијал, па затоа и тие посакаа нешто со еднакви способности. За многу брзо време, таа цел остана единствената цел на Советскиот Сојуз.

Во последните денови на Советскиот Сојуз, кога на сите од режимот им било јасно дека американскиот шатл нема никаков значаен воен потенцијал, советската армија веќе воопшто не ни сакала да има нешто со Буран. Така, советската вселенска заедница заглавува со вселенско летало кое е прескапо, сложено и главно без некаква реална намена.

(Visited 5 times, 1 visits today)