Жените инстинктивно ги штитат своите сексуални партнери од жените кои се во фазата на овулација

Spread the love

Сигурно ова ви звучи на класична средношколска драма: една девојка сака да се дружи со друга девојка, но се плаши дека „пријателката“ ќе направи обид да ѝ го открадне дечкото и дека ќе успее во тоа. Или, ако би се изразиле малку понаучно:

Формирањето блиски и кооперативни врски со други жени нуди значајни можности за жените, но и можни закани — тука е вклученo и загрозувањето на „ексклузивното право“ да го задржат партнерот за себе. Со цел да ги сведат придобивките на максимум, но притоа да ги сведат загубите (односно, штетите) од формирањето истополови дружби на минимум, претпоставуваме дека механизмот на жената да го штити својот сексуален партнер е функционално флексибилен и дека жените се истовремено чувствителни на меѓуличните, но и на контекстуалните знаци, коишто им укажуваат дека одредена жена е потенцијален, а можеби и ефективен „ловокрадец“.

Или, во овој случај, „мажокрадец“.

Според еден труд објавен на 14 јануари во „Journal of Personality and Social Psychology“, психолози од Arizona State University спровеле истражување посветено на обидите на жените да ги штитат своите сексуални партнери од другите жени, коишто се во фазата на овулација.

Во истражувањето учество зеле вкупно 478 хетеросексуални жени, коишто биле верени или мажени. Регрутацијата на учесничките била спроведена со помош на Amazon Mechanical Turk, онлајн „краудсорсинг“ платформа.

Истражувањето се одвивало така што на жените им биле прикажувани фотографии од други жени (коишто биле или не биле во фаза на овулација), по што од секоја од нив било побарано да оцени на скала од 0 до 7, дали би била спремна на пријателство меѓу некоја од жените во фотографиите и нејзиниот партнер.

Значителен број од учесничките употребиле оценка која не укажувала на некаква спремност за пријателство меѓу нивните партнери и жените од фотографиите кои биле во фазата на овулација.

Секако, учесничките немале никакви сознанија за тоа кои од жените на фотографиите биле во фазата на овулација, а покрај тоа, тие воопшто не ни помислиле на тоа свесно. Но, како и многупати претходно, и со ова истражување се открива склоноста на луѓето подсвесно да ги забележуваат различните физички знаци, коишто укажуваат дека одредена жена е во плодните денови.

„Голем број истражувања досега демонстрирале дека постои привремена промена во општествените перцепции, способноста за спознавање и однесувањето како реакција на овулацијата, но и дека таквите промени може да служат за подобрување на репродуктивната способност и погодност на поединците“, велат авторите. „Слично е и со психолошките истражувања кај луѓето, коишто демонстрираат дека, (а) перцепциите и однесувањата на една жена се менуваат согласно нејзините циклуси и дека (б) мажите реагираат на таквите промени поттикнати од самите циклуси.“

Низ текот на тестирањата, психолозите откриле дека жените се заштитнички настроени особено кога некоја друга жена го смета нејзиниот сексуален партнер како посакуван, но и кога жените на фотографиите биле физички привлечни.

Освен да создаваат физичко растојание меѓу својот партнер и жената од којашто чувствуваат закана, авторите забележале дека жените применуваат и други тактики со кои своите партнери ќе ги држат блиску до себе: „Поконкретно, жените што имаат партнер којшто е посакуван, пријавија дека би покажале зголемен сексуален интерес за својот партнер ако забележат плодна жена во негова близина, без разлика дали таа жена е привлечна или не“.

Авторите на истражувањето наведуваат дека немат докази за тоа дали „штитењето“ на својот сексуален партнер е доволно ефективно. Исто така, тие напоменуваат дека во вистинскиот живот, споредено со оценувањето страни лица на фотографии, жените може да одберат да имаат доверба во одредени пријателки, колешки и познанички во текот на нивната социјализација, поради што и претежно не гледаат на нив како на закана, иако тие се во фазата на овулација.

Тоа е веројатно резултат на фактот дека штитењето на сексуалниот партнер знае да биде многу истоштувачко, иако постои веројатност да е ефективна стратегија.

(Visited 12 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *