Историјата на образованието

Spread the love

Образованието е процес на помагање на изучувањето, односно стекнување знаење, вештини, вредности, верувања и навики. Образовните методи вклучуваат прераскажување, дискусии, предавање, обучување и директно истражување. Најчесто образованието се остварува под водството на образовни лица, но сосема е нормално ученици да се образуваат и самостојно.

Образованието може да се остварува во формални и неформални услови, а секое доживување коешто има формативен ефект врз начинот на кој некој размислува, се чувствува или дејствува, може да се смета за образовно. Притоа, методологијата на предавање на знаењата се нарекува педагогија.

Формалното образование обично се дели на претшколска фаза или фаза на градинка, фаза на примарно образование, фаза на средно образование, а потоа фази на факултет или практика.

Правото на образование е право признаено од голем број на владите во светот, како и од Обединетите нации. Во повеќето региони во светот, образованието е задолжително до одредена возраст. Паралелно на развојот на образованието, постојат и движења за негова реформа, а особено за образование засновано врз докази.

Етимологија

Етимолошки, зборот „образование“ (анг: „education“) е добиен од латинскиот збор ēducātiō, кој доаѓа од ēducō (образувам, обучувам), којшто пак е поврзан со хомонимот ēdūcō (водам, одгледувам, воздигнувам), составен од ē- (од) и dūcō (водам, спроведувам).

Историја

Образованието како појава постои уште од праисторијата, кога возрасните им пренесувале на младите знаења и вештини што се сметале за потребни во нивните општества. Во предлитературните општества, образованието се правело орално и преку имитација.

Со прераскажувањето се пренесуваат знаењата, вредностите и вештините од една генерација на друга, а како што културите почнале да се стекнуваат со проширени знаења, повеќе од само вештини што можат веднаш да се научат преку имитација, низ светот почнало да се развива и формалното образование. Во времето на Средното царство на Египет, формалното образование преку училишта веќе постоело.

Грција

Првата институција за високо образование во Европа била Академијата на Платон во Атина. Наследникот на Атина како интелектуална колевка на Древна Грција бил градот Александрија во Египет, утврден во 330 година п.н.е. Таму, големата Александриска библиотека била изградена во 3-тиот век п.н.е., додека по падот на Рим во 476 година, европските цивилизации претрпеле голем пад во писменоста и организираното образование.

историјата на образованието, платон, академија
Академијата на Платон, мозаик од Помпеја

Кина

Конфучиј (551-479 п.н.е.) во Кина (тогаш граѓанин на државата Лу) бил највлијателниот древен филозоф во земјата, чиишто образовни гледишта продолжуваат да имаат влијание врз кинеското општество, како и соседните земји: Кореја, Јапонија и Виетнам.

Конфучиј, којшто бил опкружен со приврзаници и ученици, попусто бил во потрага по владетел низ неговиот живот кој ќе ги прифати неговите идеали за добро владеење. За среќа, неговите приврзаници ги запишувале неговите аналекти, односно мудрости, така што денес Конфучиј има големо влијание врз образованието во Источна Азија и во модерната ера.

Ацтеките

Ацтеките имале исто така добро развиена теорија за образованието, коешто на ацтечки го нарекувале tlacahuapahualiztli. Зборот значел „вид на одгледување или образување на личноста“ или „вид на зајакнување или одгледување на човекот“.

Ацтечкиот концепт за образование бил широк. Според нив, образованието започнува со домашно образование, коешто потоа било поддржано со формално изучување, а знаењата биле зајакнувани преку животот во заедницата.

Приказ на ацтечки родител како носи деца во локалното Telpochcalli (вид на училиште).

Историчарите велат дека формалното образование било задолжително кај ацтеките, без разлика на нивната општествена класа и пол. Во нивниот јазик постоел и зборот neixtlamachiliztli, којшто значел „чин на пренесување мудрост во лице“.

Овие концепти нагласуваат сложен збир на образовни практики, коишто биле ориентирани кон пренесување на искуствата и интелектуалното наследство на следната генерација со цел индивидуален развој и интеграција во заедницата.

Европа

По падот на Рим, Католичката црква била единствената институција што нудела образование во Западна Европа. Своите катедралски училишта низ средновековието црквата ги основала како центри за напредно образование. Некои од тие установи на крајот еволуирале во средновековни универзитети и се сметаат за претходници на голем број од модерните европски универзитети.

Тома Аквински, дело на Карло Кривели (15-ти век), слика над олтар во Асколи

За време на Средниот век, Катедралата Шартр го водела познатото и влијателно Шартрско училиште.

Во тоа време, Средновековните универзитети на западниот христијански свет биле веќе добро интегрирани низ целата Западна Европа и охрабрувале слобода при потрагата по одговори. Како резултат на тоа, произведувале голем вариетет на префинети образовни лица и природни филозофи, вклучително Тома Аквински од Универзитетот Наполи, Роберт Гростест од Универзитетот Оксфорд, првиот што изложил систематска метода на научно експериментирање, како и Св. Алберт Велики, првенец во полето на биолошки истражувања.

Универзитетот Болоња пак се смета за првиот и најстар универзитет што работи без престан. Основан е во 1088 година.

Од друга страна, исламската наука и математика цветала во средновековието како дел од исламскиот калифат којшто се протегал низ Средниот Исток, а имала влијание од Пиринејскиот полуостров на западот до Инд на истокот, како и Алморавидската династија и Империјата Мали на југот.

Ренесансата

Ренесансата во Европа донела една нова ера на научни и интелектуални истражувања, но и благодарност за древните грчки и римски цивилизации.

Околу 1450 година, Јоханес Гутенберг ја создава печатарската преса со која се овозможило побрзо ширење на литературните дела. Благодарение на Гутенберг, европските идеи за образување во полињата на филозофијата, религијата, уметноста и науката, веднаш се рашириле низ европските империи и светот.

Мисионерите и научниците исто така донеле во Европа доста идеи од другите цивилизации во светот – како во случајот со језуитските мисии кон Кина, коишто одиграле значајна улога во преносот на знаењата, науката и културата од Кина во Европа и обратно, пренесувајќи и преведувајќи дела од Европа, како што е Елементите на Евклид за кинеските образовни луѓе, и носејќи ги назад мислите на Конфучиј за потребите на европските маси. Со периодот на Просветителството, Европа добила посекуларни гледишта за образованието.

Во повеќето земји денес, образованието со полн фонд на часови, без разлика дали е во училиште или не, е задолжително за децата до одредена возраст. Поради таквата пролиферација на задолжителното образование и растот на населението, УНЕСКО пресметува дека во следните 30 години повеќе луѓе ќе бидат формално образувани од кога и да е во историјата на човештвото досега.

(Visited 76 times, 1 visits today)