Експериментот што докажа дека пчелите ја разбираат симболиката на математичкиот јазик

Spread the love

Дали воопшто ни требаат повеќе причини за уште повеќе да ги сакаме пчелите? Не само што овие наши мали пријателчиња познаваат основна аритметика (откриено е дека знаат да користат апстрактни симболи за да прават неочекувано софистицирани, за нив, математички пресметки), туку сега научниците открија и дека можат да препознаваат симболи поврзани со бројки.

Исто како што ние, луѓето знаеме да го поврземе симболот „7“ или „VII“ со количина од седум, откриено е дека и пчелите ја имаат истата способност.

Со други зборови, не само што тие разбираат количества, собирање и одземање, туку можат и да ја разберат симболиката на математичкиот јазик. Вакви откритија се едноставно неверојатни за нас, бидејќи досега сметавме дека само приматите и птиците имаат такви способности!

„Штом научиме да броиме во детството, обично броевите ги земаме здраво за готово подоцна во животот. Но, способноста да разбираме што една бројка означува, на пример, бројката 4, всушност бара софистицирано ниво на когнитивна способност“, вели научникот Адријан Дајер од RMIT University во Австралија каде што го проучува видот.

„Досегашните студии покажаа дека приматите и птиците можат да поврзуваат симболи со броеви, но ова е првпат таквата појава да биде посведочена кај инсектите.“

Генерално, досега научниците низ светот се сомневаа дека е тоа возможно. Сега, благодарение на внимателни научни експерименти, откриено е дека пчелите разбираат симболи за собирање и одземање за да изведуваат сосема основни аритметички пресметки – можат дури и да го разберат концептот на „0“.

Како што досега знаевме врз основа на претходни студии, пчелите можат да комуницираат со сложени „вирбрирачки танци“ кога сакаат да пренесат информација за тоа каде има полен за собирање.

Но, со ова најново истражување, навлезено е малку подлабоко во нивните когнитивни способности, при што за првпат се докажува дека – како луѓето, шимпанзата и дури и гулабите – и безрбетниците можат да го разбираат и користат јазикот на математиката.

Како изгледал тестот (Howard et al., Proceedings of the Royal Society B, 2019)

Во ова истражување бил применет модифициран систем, којшто претходно бил користен за утврдување дали гулабите можат да препознаваат нумерички симболи. На симболите што биле измислени, односно на „знаците“, им било назначено количество. Потоа, истите знаци биле поставени во мал лавиринт во форма на буквата „Y“ (сликата горе).

Притоа, додека пчелите се запознавале со лавиринтот, прво се запознавале со стимулансот во првата комора – којшто бил во форма на знак (знак со N-форма за количество од два, односно превртена буква T за количество од три) или слика на којашто биле прикажани две или три форми. Во следната комора имале шанса да донесат одлука на основа на првиот знак. Таму им биле претставени две опции.

Во комората за носење одлука биле поставени две слики, едната со две, а другата со три форми. Задачата на пчелите била да го изберат точниот број на форми навестен со знакот од првата комора.

Алтернативно, ако во првата комора им биле прикажани форми, двете опции во наредната комора биле двата N и Т знака, по што требало да го поврзат бројот на форми со точниот знак.

Со секое точно поврзување, пчелите добивале вкусен раствор со шеќери. За неточен одговор добивале безопасен, но невкусен (за нив одвратен) кинин.

По 50 такви испитувања, пчелите почнале точно да ги поврзуваат количествата со знаците со 75% прецизност. Потоа, истражувачите направиле измени со тоа што почнале да ги тестираат пчелите со нови бои, шаблони и форми, со цел да утврдат дали пчелите ја поврзуват многубројноста со точниот симбол, а не само со сликата како целина.

И по таквата измена, пчелите продолжиле точно да ги поврзуваат симболите врз основа на бројот на форми.

Проблем се појавил кога се обиделе да утврдат дали пчелите знаат да ја изведуваат задачата во обратен редослед. Ако стимулансот во првата комора бил знак, не можеле точно да го поврзат со стимуланс за многубројност.

„Тоа сугерира дека обработката на броевите и разбирањето на симболите се одвива во различни региони на мозокот на пчелата, слично на тоа кога различни процеси се одвиваат во различни делови од човековиот мозок,“ вели зоологот Скарлет Хауард од Université Toulouse III – Paul Sabatier.

„Нашите резултати покажуваат дека пчелите и животните, коишто имаат способност да научат симболи како бројки и да изведуваат сложени задачи, не се на истото ниво.“

Во суштина, истражувањето не покажува дека пчелите можат да ги разбираат самите количества, туку дека се способни да поврзуваат количество со точен симбол и дека не можат да научат да го прават тоа во обратен редослед.

Сепак, ова не само што ни помага да разбереме нешто повеќе околу процесот на изучување и како нивниот мозок гради врски меѓу различните концепти, туку помага да ги воспоставиме темелите на инаку претходно непознатиот „мост на комуникација“ меѓу луѓето и пчелите.

Експериментот-што-докажа-дека-пчелите-ја-разбираат-симболиката-на-математичкиот-јазик-2
Пчелата: мозок со вистинска моќ на 1 милион неврони.

„Луѓето имаат преку 86 милијарди неврони во мозокот, а пчелите имаат помалку од милион и притоа нè дели еволуција од преку 600 милиони години,“ вели Дајер.

„Но, ако пчелите имаат капацитет да научат нешто толку сложено, како човековиот јазик на симболи, тоа значи дека ни се отвараат нови возбудливи патишта во иднината кон воспоставувањето комуникација со разните видови животни.“

Истражувањето е објавено во Proceedings of the Royal Society B.

(Visited 56 times, 1 visits today)