Историски најзначајните епидемии во човештвото

Spread the love

Кога гледаме назад кон човековата историја, тешко е да пронајдеме ера, цивилизација или заедница којашто не била погодена од епидемија на заразна болест. Уште од лепрата, па преку Црната чума, грипот и колерата, човештвото има видено епидемии и пандемии во секаква форма, големина и смртност.

Но, понекогаш стапката на смртноста сама по себе не го отсликува вистинскиот долготраен импакт што заразните болести ги имале врз населението.

Прашањето е: кои се најзначајните епидемии во човештвото во историска смисла? Какво влијание заболувањата ги имале врз населението и економијата во светот, како и врз животната средина и заедниците што засекогаш ги промениле? Каков свет епидемиите и пандемиите оставиле зад себе за преживеаните? (Забелешка: листата не е целосна, но ова се едни од позначајните настани.)

1000-ти: лепра

Иако потеклото на лепрата останува дефинитивно непозната, импикациите што ова заболување ги предизвикало низ историјата оставиле голем белег во човековата историја. Откако ненадејно се појавува низ Средновековна Европа во раните 1000-ти години, лепрата се закотвува како долгорочен проблем за јавното здравје на човештвото, и тоа до денешен ден. На пример, во 2018 година се регистрирани 209.000 случаи на лепра, а во 1980-тите имало дури 5 милиони.

Средновековна слика од Vinzenz von Beauvais: двајца лепрозни не добиваат пристап во градот
Средновековна слика од Vinzenz von Beauvais: двајца лепрозни не добиваат пристап во градот

Во обидот за да се забави ширењето на заболувањето оваа болест, биле формирани лепрозни колонии кои ја имале функцијата на карантин. Во нив се ставале и болните и тие со симптоми. За жал, со оглед дека немало никакви опции за третман, болните биле принудени да трпат неверојатно болни лезии на кожата поради кои станувале подложни и на дополнителни заболувања. Иако лепрата постои и денес, донекаде успешно се третира со антибиотици.

1100-1200-ти: инфлуенца

Иако епидемиите од голем обем биле релативно помали во овој период, разновидноста на заболувањата се зголемила. Големите и малите сипаници, како и ерготизмот биле нормална појава, но пострашна била превалентноста на разните видови на инфлуенца.

Епидемијата на инфлуенца продолжила низ Европа во поголемиот дел од Средниот Век и длабоко во 1400-тите години. Во тој период голем број европски градови правеле огромни обиди за подобрување на условите на јавното здравје и подобрување на пристапот до вода за граѓаните.

1300-ти: Црната чума

Се проценува дека меѓу 75 и 200 милиони луѓе починале од Црната чума, којашто владеела низ Европа во средината на 1300-тите години. Нејзиниот ефект врз континентот бил долготраен и биле потребни 200 години за да се врати истата бројка на население.

Црната чума траела околу четири години, а првпат е донесена на континентот од италијански морнари во 1347 година, коишто пристигнале по престој во Кина и Индија. Кога пристигнале морнарите во Европа, тие биле целосно прекриени со црни чиреви и точки на кожата, поради што и чумата се нарекува Црна.

Триумфот на смртта, слика на Петер Бројгел
Триумфот на смртта, слика на Петер Бројгел

Според проценките, речиси половина од европското население било покосено од оваа болест, а откако некој ќе ја фател, тој починувал во рок од неколку седмици, денови или дури и часови.

Преносител на Црната чума се претпоставува дека биле болвите и стаорците коишто пристигнувале со морнарските бродови од Централна или Источна Азија. Постојат регистрирани случаи на заболени од Црната чума сè до 20-от век.

1400-ти: сифилис

Втората половина на 1400-тите години биле одбележани од стабилното, а потоа драстично ширење на заразната секусално пренослива болест позната како сифилис. Во тоа време ја нарекувале и како „Болеста од Неапол“ или „Француската болест“. Најпрвата појава на сифилис во поголем обем се случила за време на освојувањето на Неапол во 1494 година од страна на војниците на Кралот на Франција, Шарл VIII.

Една од најпрвите медицински илустрации на болни од сифилис, Виена 1498 година
Една од најпрвите медицински илустрации на болни од сифилис, Виена 1498 година

Кратко откако армијата стекнала контрола над градот и територијата, почнале да се шират симптомите на сифилис, по што огромен број на луѓе почнале да се заразуваат. Како што војниците се враќале во Франција, тие го донеле сифилисот со нив, по што болеста почнала да се шири низ остатокот од Европа.

Благодарение на новиот пронајдок во тоа време, печатарската преса, медицинските лица можеле полесно и побрзо да ги рашират информациите за болеста меѓу масите, по што народите почнале да го препознаваат сифилисот како примарна криза на јавното здравје низ цела Европа.

Со оглед дека никој не знаел од каде дошла болеста, повеќето луѓе почнале да ја асоцираат болеста со разни поединци или земји од коишто верувале дека таа доаѓа, главно врз основа на нивните предрасуди.

1500-ти: Колумбовската размена

Колумбовската размена (односно големата трговска размена што се случила по откривањето на Америка од страна на Кристофер Колумбо) означува особено сложен период во човековата историја. Несомнено, импактот на овој период го чувствуваме до денешен ден.

Може да се каже дека за време на тој период започнува глобализацијата, кога народи кои пред тоа речиси и немале никаков контакт едни со други, наеднаш се обединети преку трговијата.

Терминот „Колумбовска размена“ е измислен од историчарот Алфред Крозби и се однесува главно на ненадејното мешање не само на народите и технологијата, туку и на животните, растенијата и болестите.

Португалци продаваат животни во Јапонија (1570-1616)

Како што европските колонизатори и трговци ги проширувале своите територии и пазари кон Америките, Африка и Азија со помош на побрзи бродови и појаки оружја, со себе носеле и еден куп болести, својот добиток и своите растенија. Поради таквите инвазивни видови, локалната флора и фауна за многу брзо време била опустошена, а локалните населенија почнале да заболуваат од разни болести поради фактот дека немале имунитет на нив.

Некои од најкатастрофалните болести за овие локални населенија биле големите и малите сипаници, инфлуенцата и тифусот. Смртоносната комбинација на овие болести збришала бројни цивилизации и уништила милиони животи.

1600-ти: Големата лондонска чума

Големата лондонска чума е една од последните поголеми епидемии на Бубонската чума (која практично е иста со Црната чума, зависно од симптомите што ги имате и кој дел од телото е зафатен).

Во средината на 1665 година, во Лондон избива епидемија на Бубонската чума, а во мала мера ја опфаќа и Европа. Речиси 20% од населението на Лондон изумира, односно околу 100.000 жители во рок од 18 месеци. Кон 1666 година, оваа чума полека забавува. Познато е дека токму во тој период за време на карантинот, Исак Њутон ги прави своите најголеми откритија во физиката.

Собирање на мртвите за време на Големата лондонска чума во 1665 година
Собирање на мртвите за време на Големата лондонска чума во 1665 година

Во помодерно време, меѓу 2010 и 2015 година се регистрирани околу 3248 случаи на глобално ниво, од кои 584 завршиле со смрт. Најмногу од случаите се појавиле во Конго, Мадагаскар и Перу.

Денес оваа болест се лечи со антибиотици како стрепомицин, гентамицин и доксициклин.

1700-ти: инфлуенца

Во 1700-тите се случува првата пандемија на инфлуенца (инфлуенцата спомената погоре била само епидемија, односно била раширена само на ниво на Европа). Па така, во 1729 година почнува да се шири инфлуенца во Русија, која набргу достигнува пропорции на пандемија за само шест месеци, стигајќи дури до Северна Америка. Една година подоцна во 1730 година, народите успеваат да ја стават пандемијата под контрола.

Истиот век кон 1781 година, се јавува уште една пандемија на инфлуенца, но овој пат во многу поголем размер. Се претпоставува дека овој пат започнала во Кина и стигнала дури до Европа, каде милиони се заразиле и каде стапката на смртност била особено висока меѓу младите луѓе.

1800-ти: колера

Прогласувањето на појавата колера како пандемија е малку комплексно, бидејќи ако се гледа на секој случај поединечно, личи како да не е толку сериозно, но ако се погледне на сите случаи заедно, бројките се зачудувачки.

Колерата првпат станува грижа за властите во 1800-тите години, при што се појавуваат барем пет епидемии од голем обем во кои умираат околу 1 милион луѓе вкупно.

Првата позната појава на колера се случува меѓу 1817 и 1823 година и тоа околу реката Ганг во Индија. Набрзо, се шири низ земјата и надвор од земјата преку трговските рути и колонизацијата на соседните региони. Се шири низ Југоисточна Азија, Средниот Исток, Африка и потоа стига и во Европа. Другите епидемии на колера се случуваат исто така во 19 век.

Совети од доктор за сиромашните како да избегнат зараза од колера

Пандемијата која траела од 1852 до 1859 година е евидентирана како најсмртоносната во тој век. Поради неа се направени одредени особено влијателни епидемиолошки откритија поврзани со јавното здравје, благодарение на британскиот лекар Џон Сноу.

Во Лондон, оваа болест предизвикала многу висок број на смртни случаи, а во обид да се спречи, д-р Сноу работел на тоа да го пронајде нејзиното потекло. Имал чувство дека градското водоснабдување помага во ширењето. Откако направил мапа од раширеноста на болеста и ја споредил таа мапа со мапата од системите за пумпање вода во градот, д-р Сноу успеал да ја открие точната пумпа за вода којашто била најголем виновник за преносот на болеста. Откако ја отстраниле пумпата градските власти, болеста исчезнала во градот.

1900-ти: Шпански грип

Пандемијата на Шпански грип се смета за најлошата во историјата на човештвото. Од 1918 до 1920 година, европскиот и американските континенти биле опустошени, при што починале меѓу 20 и 50 милиони луѓе за само две години. За споредба, тоа е два до четири пати повеќе од жртвите за време на целата Прва Светска Војна.

Се претпоставува дека овој вирус потекнува од Кина како варијација на птичји грип, а брзо се има проширено благодарение на работниците што патувале низ континентите во потрага по работа. И покрај ненадејната појава и катастрофалноста по глобалното население, болеста брзо исчезнува кон крајот на 1919 година предизвикано од големиот број на смртни случаи и имунитетот што го развиле преживеаните на болеста.

На работа со маска за лице
На работа со маска за лице во Белфаст.

Освен Шпанскиот грип, во 1900-тите години бевме сведоци и на епидемијата на ХИВ/СИДА, којашто иако предизвика помал број на жртви од Шпанскиот грип (35 милиони на глобално ниво), сепак имаше значително општествено, културно и здравствено влијание на модерниот свет.

ХИВ/СИДА ги напаѓа луѓето преку ослабнување на нивниот имунолошки систем, при што телото станува поподложно на други болести кои инаку се лечат лесно. Денес има голем број на третмани наменети за контрола на вирусит, при што заболениот може нормално да функционира, но ниту еден сè уште не е официјално признат како лек.

20 и 21 век: туберколоза

И покрај тоа што туберколозата е болест од којашто можете да се излечите или да ја спречите, таа останува како една од 10-те најсмртоносни заразни болести на листата на Светската Здравствена Организација (СЗО). Тоа е делумно поради фактот дека лесно се пренесува во воздухот и има донекаде суптилни првични симптоми, поради што луѓето може да не добијат дијагноза за туберколоза долго време. За тоа време, тие ненамерно ги заразуваат останатите околу себе.

Само во 2018 година се регистрирани околу 10 милиони нови дијагнози, но и 1,5 милиони смртни случаи, главно во земјите во развој. Освен тоа, преовладува варијанта на туберколоза којашто е отпорна на многу лекови, поради што СЗО мораше да развие нова стратегија за спречување на болеста.

Јавна кампања за спречување на ширењето на туберколоза од 1920-ти.
Јавна кампања за спречување на ширењето на туберколоза од 1920-ти.

Други епидемии што се појавија во 21 век се тие на ебола, САРС и најново, пандемијата на коронавирус, иако ниту една од овие вируси не претставува закана за глобалното здравје како што е туберколозата. Значајноста на ерата на интернетот и на социјалните медиуми, од општествен и културолошки аспект, помага кон зголемување на вниманието и свесноста кон овие заразни болести, но сепак на нас останува тоа колку ќе применуваме превенција во борбата да се спречи ширењето.

(Visited 11 times, 1 visits today)