Како функционира економската машина…

Spread the love

(Следното што ќе го прочитате е превод на документарецот „How the Economic Machine Works“ од Реј Далио од 2013, којшто е достапен на YouTube.)

Економијата функционира како едноставна машина. Но, и покрај тоа, многумина не ја разбираат, или пак не се согласуваат за тоа како таа функционира. Резултатот на сето тоа е енормно и непотребно економско страдање.

Иако економијата наизглед е сложена, таа всушност функционира на многу едноставен и механички начин. Економијата е составена од неколку едноставни делови и од голем број едноставни трансакции, коишто се повторуваат непрестајно и бесконечно.

Пред сè, таквите трансакции се поттикнати од самата природа на луѓето и со нив се создаваат трите главни сили коишто ја движат економијата:

  1. Растот на продуктивноста
  2. Циклус на краткорочно задолжување
  3. Циклус на долгорочно задолжување
Како функционира економската машина...
Трите главни сили на економијата

Кога овие три сили ќе се наредат една врз друга, создаваат корисен шаблон за следење на движењата на економијата, но и служат како показател за тоа што всушност се случува во моментот:

Како функционира економската машина...

Трансакции

Да започнеме со наједноставниот дел од економијата: трансакциите.

Едноставно кажано, економијата е сума на трансакциите што ја сочинуваат, додека пак самата трансакција е нешто многу едноставно.

Трансакциите се случуваат постојано. Додека го читате ова, илјадници трансакции се случуваат на пазарите. Секојпат кога купувате нешто, создавате трансакција. Секоја трансакција се состои од купувач, којшто разменува пари или кредит со продавач за да се стекне со неговите добра, услуги или финансиски средства.

Кредитот се троши на ист начин како парите, така што ако ги собереме потрошените пари и количината на потрошен кредит, доаѓаме до вкупната сума на трошоци. Вкупно потрошеното е тоа што ја движи економијата. Ако ја поделите потрошената количина со продадениот квантитет, ја добивате цената на нештата. Сето тоа ја сочинува трансакцијата, којашто е темелот на економската машина.

Сите циклуси и сите сили во економијата ги движат трансакциите. Затоа, ако ги разбирате трансакциите, можете да ја разберете економијата.

Пазар

Пазарот го сочинуваат сите купувачи и сите продавачи, а двете страни ги предизвикуваат трансакциите на пазарот за да купат или продадат нешто. На пример, на пазарите за пченица се тргува со пченица, на пазаритер за автомобили се тргува со автомобили, на тие за нафта со нафта, на тие за злато со злато итн. Постојат милиони различни пазари каде што се купуваат и продаваат едни исти нешта. Сите тие трансакции од различните пазари ја сочинуваат економијата.

Ако го соберете вкупното трошење со вкупно продадениот квантитет во сите тие пазари, имате сè што ви е потребно за да разберете што е економијата.

Луѓето, бизнисите, банките и владите се сите заедно вклучени во трансакциите: преку размена на пари за добра, услуги и финансиски средства.

Најголемиот купувач и продавач е владата, којашто се состои од два главни дела:

  • централната власт
  • централната банка

Централната власт собира даноци и троши пари, додека централната банка е поразлична од останатите купувачи и продавачи, поради тоа што ја контролира количината на пари и кредит во економијата.

Контролата на централната банка се состои од влијанието врз каматните стапки и печатењето нови пари. Од тие причини, централната банка е важен играч во протокот на кредитот.

Кредит

Внимавајте на овој поим, бидејќи е најважниот дел во економијата. И покрај тоа, луѓето речиси и не го разбираат.

Кредитот е најважниот, но и најголемиот и најнестабилниот дел од економијата. Како што купувачите и продавачите учествуваат на пазарите за да остваруваат трансакции, така учествуваат и заемодавците и зајмувачите.

Целта на заемодавците е да генерираат повеќе пари со своите пари, додека целта на зајмувачите е да купат нешто што не можат да си го дозволат со своите пари, како куќа или автомобил, или пак да инвестираат во нешто, на пример, да започнат бизнис. Со помош на кредитот, заемодавците и зајмувачите ги постигнуваат своите цели.

Тоа оди вака: зајмувачите ветуваат дека ќе ги отплатат парите што ги зајмат, коишто се нарекуваат главнина, плус дополнителна сума, којашто се нарекува надомест или камата. Кога каматните стапки се високи, се бараат помалку кредити поради тоа што се скапи. Но, кога каматните стапки се ниски, се бараат повеќе кредити, поради тоа што се поефтини за исплаќање.

Кога зајмувачите ветуваат дека ќе го вратат кредитот, а заемодавците им веруваат на зборот, со создава кредит. Согласно тоа, кои било двајца поединци можат да договорат кредит меѓусебно.

Звучи прилично едноставно, но кредитот знае да биде многу деликатна работа. Во истиот момент кога се создава кредитот, тој се претвора во долг. Долгот истовремено претставува средство за заемодавецот, но обврска за зајмувачот. Кога зајмувачот го отплаќа кредитот во идно време, плус каматата, трансакцијата е комплетирана.

Но, зошто кредитот е толку важен како поим? Поради тоа што кога зајмувачот добива кредит, тој добива можност да го зголеми своето трошење, а трошењето пари е токму тоа што ја движи економијата. Трошењето на еден поединец претставува приход на друг поединец. Секој денар што го трошите, го заработува некој друг, додека секој денар што вие го заработувате, го троши некој трет. Како резултат на тоа, што повеќе трошиме, толку повеќе некој друг заработува.

Кога нечии приходи растат, заемодавците се порасположени да му даваат заеми, затоа што го сметаат за кредитоспособен. Кредитоспособниот поединец има две нешта:

  1. Способност да го врати кредитот
  2. Гаранција (во форма на сопственост)

Високите приходи, во поврзаност со долгот, му даваат способност на зајмувачот да го врати кредитот. Во случај да не може да го врати кредитот, неговата сопственост служи како гаранција, којашто во тој случај се распродава. Поради тоа, заемодавците се согласуваат да му дадат заем на кредитоспособниот зајмувач.

Значи, зголемените приходи носат и зголемено зајмување, а тоа води кон зголемено трошење. Трошењето пак претставува нечиј приход, тој приход води кон поголемо зајмување итн. Таквиот (самозајакнувачки) шаблон води кон економски раст, а сето тоа произведува: циклуси.

Циклуси

За една трансакција да постои, еден поединец треба да даде нешто, за да добие нешто друго за возврат. Но, колку ќе добиете зависи од тоа колку ќе произведете. Тука доаѓаме до растот на продуктивноста, каде што стандардите за живот се зголемуваат.

Продуктивноста генерално расте брзо кај тие што се инвентивни и трудољубиви, при што се зголемуваат и нивните стандарди за живот. Спротивно на тоа, тие што се задоволни со малку или се мрзеливи, имаат помал раст на продуктивноста, што значи и помал раст на нивните стандарди за живот.

Но, краткорочно, продуктивноста и не е така важна. Таа е најважна на долги патеки, а краткорочно, кредитот е поважен. Тоа е така затоа што продуктивноста нема големи флуктуации, па затоа и не се смета за голем двигател на промените во економијата.

Двигателот на флуктуациите се задолжувањата. Задолжувањето ни дава можност повеќе да потрошиме отколку што можеме да произведеме и не присилува да консумираме помалку отколку што произведуваме кога мораме да го вратиме долгот.

Како функционира економската машина...
Флуктуации
Како функционира економската машина...
5-8 годишен циклус
Како функционира економската машина...
75-100 годишен циклус

Флуктуациите од задолжувањата се случуваат во два големи циклуса. За едниот се потребни 5-8 години, а за другиот 75-100 години. Иако повеќето луѓе ги чувствуваат флуктуациите, обично не ги перцепираат како циклуси, затоа што ги гледаат одблиску, на секојдневна или седмична основа.

Ајде да ги разгледаме овие три големи сили од подалеку и како нивната меѓусебна интеракција влијае врз нашето секојдневие.

Како што споменавме, флуктуациите на сликата долу не се резултат на иновациите или вложениот труд, туку главно на кредитот што постои во економијата.

Ако би замислиле економија без кредит, единствениот начин да го зголемите трошењето во таквата економија е преку зголемување на приходите, за коешто е потребно да се биде попродуктивен и повеќе да се работи. Значи, единствениот начин за раст во таквата економија е да се биде попродуктивен. Со оглед дека вашето трошење е нечиј друг приход, таквата економија расте само кога луѓето се попродуктивни.

Ако ги следиме трансакциите во таквата економија, ќе видиме прогресија. Но, бидејќи зајмуваме, ги имаме циклусите. Циклусите не се резултат на законите или регулативите, туку на човековата природа и начинот на кој кредитот функционира.

Замислете ги заемите како начин да се повлечат луѓето на трошење. За да купите нешто што не можете да си го дозволите, треба да потрошите повеќе од што заработувате. За да го направите тоа, во суштина треба да позајмите пари од „идните вас“. На тој начин, создавате момент во иднината кога треба да потрошите помалку за да можете да го отплатите заемот, а оттаму создавате циклус.

Како функционира економската машина...
Циклус

Во суштина, секојпат кога зајмувате, создавате циклус. Колку што тоа ви се случува вам како поединец, толку ѝ се случува и на економијата како целина. Поради ова е многу важно да разберете зошто кредитот е толку важен, бидејќи создава динамика, механичка и предвидлива серија на настани што треба да се случат во иднината.

Поради тоа, кредитот е поразличен од парите. Парите се средства за да комплетирате трансакција. На пример, кога купувате пиво во некој бар во кеш, трансакцијата е комплетирана во истиот момент. Но ако го купите истото пиво со кредит (на вересија), тогаш ветувате дека ќе го платите во иднината. На тој начин, вие и шанкерот сте создале ситуација на „средства“ и „обврска“. Кредитот (вересијата) е средството, додека отплаќањето во иднината е обврската. И само откако ќе го платите пивото во иднината, трансакцијата е комплетирана, долгот веќе го нема, а средството и обврската исчезнуваат.

Во главно она што луѓето во реалноста го нарекуваат пари е всушност кредит. Вкупната количина на кредит во САД во 2013 година изнесуваше околу 50 трилиони долари, додека вкупната количина пари изнесуваше само 3 трилиони. Запомнете, единствниот начин за да трошите повеќе во економија без кредит е да произведувате повеќе. Но, во економијата со кредит, трошењето можете да го зголемите и со зајмување. Како резултат на тоа, во економијата во којашто кредитот постои, трошењето е поголемо, поради што краткорочно приходите можат побрзо да растат отколку во економијата без кредит, каде што краткорочно продуктивноста не е доволна за поголемо трошење и приходи.

Во суштина, кредитот не мора да биде само „лоша“ работа којашто предизвикува циклуси. Кредитот е лош само кога со него се финансира прекумерната консумација и потрошувачка којашто подоцна не може да се отплати. Но, кредитот знае да биде екстремно ефикасен кога ефикасно се алоцираат ресурсите и кога се користи за поголема продуктивност со цел неговото подоцнежно отплаќање.

На пример, ако зајмите пари за да купите голем телевизор, тоа значи дека не генерирате пари со кредитот за да го отплатите долгот. Но, ако позајмите пари за да купите трактор, на пример, а со тој трактор можете да обработувате поголема земја и притоа да заработите повеќе пари, тогаш имате можност да го отплатите долгот и да ги подобрите стандардите за живот.

Во економијата каде што кредитот пости како појава, можеме да ги следиме трансакциите и да набљудуваме како кредитот создава раст. На пример, заработувате 1.000.000 денари годишно и немате долгови, тогаш ве сметаат доволно кредитоспособен и можете да земете кредит од 100.000 денари – преку вашата кредитна картичка, на пример – по што имате 1.100.000 денари за трошење, иако заработувате само 1.000.000 денари. Со оглед дека вашето трошење е нечиј туѓ приход, некој друг (или други) ќе ги заработат тие 1.100.000 денари што вие ќе ги потрошите. Лицето што ќе ги заработи тие 1,1 милион денари од вас (и во случај тоа лице да нема никакви долгови исто како вас), може да позајми уште 110.000 и така да потроши 1.210.000 денари, иако заработило само 1.100.000 денари. Неговото трошење на тие пари е нечиј туѓ приход и така натаму… Со следење на трансакциите потоа, можеме да увидиме како овој процес се повторува во шаблон, при што циклусот иде нагоре.

Тука треба да запомниме, дека зајмувањето создава циклуси и дека секогаш кога циклусот оди нагоре (зајмување пари за поголемо трошење), на крајот мора да се спушти, а спуштањето на циклусот го претставува отплаќањето на заемот. Ова не носи на следната тема…

… Циклус на краткорочно задолжување

Како што се зголемува економската активност, забележуваме експанзија – првата фаза на циклусот на краткорочно задолжување. Трошењето продолжува да се зголемува, а со тоа и цените. Тоа се случува бидејќи зголеменото трошење е поттикнато од кредитот, којшто може да се создаде инстантно, речиси од ништо. Кога трошењето и приходите растат побрзо од производството на добра, тогаш цените растат. Кога цените растат, тоа се нарекува инфлација.

Централната банка не посакува преголема инфлација, бидејќи така се создаваат проблеми. Кога таа ќе види дека цените растат, централната банка ги зголемува каматните стапки за да спречи преголема инфлација. Кога каматните стапки се поголеми, помалку луѓе се осмелуваат да земаат заеми, додека пак трошоците за постоечките долгови се зголемуваат.

Пример за тоа е покачувањето на месечните рати за отплата на вашиот кредит. Како резултат на покачените рати, луѓето зајмуваат помалку и плус треба повеќе да плаќаат за да ги отплатат кредитите, а згора на тоа и им преостануваат помалку пари за трошење, поради што трошењето во економијата се намалува. Со оглед дека вашето трошење е нечиј туѓ приход, приходите на луѓето се намалуваат и сето тоа влијае понатаму во синџирот.

Кога луѓето трошат помалку, цените се намалуваат, а тоа се нарекува дефлација. Се намалува економската активност и се доаѓа до рецесија. Ако рецесијата стане претешка, а инфлацијата веќе не е проблем, централната банка ги намалува каматните стапки за да овозможи економијата да фати чекор.

Како функционира економската машина...

Кога каматните стапки се ниски, отплатите на долговите се помали, поради што зајмувањето и трошењето се зголемуваат, по што следува нова експанзија.

Како што гледате, економијата функционира како машина. Во циклусот на краткорочно задолжување, трошењето зависи од волјата на заемодавците да даваат заеми и на зајмувачите да се задолжуваат. Кога кредитот е лесно достапен, се создава економска експанзија. Кога кредитот не е лесно достапен, се создава рецесија. И имајте предвид дека циклусот главно го контролира централната банка.

Како функционира економската машина...
Циклус на краткоточно задолжување

Циклусот на краткорочно задолжување типично трае меѓу 5 и 8 години и се повторува постојано низ децениите. Но, највисоката и најниската точка од секој циклус, секогаш нудат поголем раст и поголемо задолжување отколку тие во претходниот циклус на краткорочно задолжување (претходните 5-8 години). Зошто?

Затоа што во природата на луѓето е да претеруваат – луѓето се склони да зајмат и трошат многу повеќе отколку што можат да си дозволат со цел да го отплатат долгот. Едноставно, природата е таква. Поради тоа, со текот на времето долговите растат многу повеќе од приходите, при што доаѓаме до…

… Циклус на долгорочно задолжување

И покрај тоа што луѓето сè повеќе се задолжуваат, заемодавците стануваат уште послободни во давањето заеми. Зошто?

Затоа што сите влегуваат во една илузија каде што работите се одвиваат одлично. Луѓето се фокусираат само на работите што се случуваат во непосредното минато или сегашност, како што се растот на приходите, растот на вредноста на средствата и зголемените активности на берзата, а сето тоа предизвикува илузија дека сè цвета. Со заемите, тие добиваат можност да купуваат повеќе добра, услуги и финансиски средства!

Кога ова се случува во големи размери, таквата ситуација се нарекува меур. Во таквиот меур, иако долговите се во раст, приходите растат доволно брзо за да се неутрализираат долговите во одредена мера. Таквиот сооднос меѓу задолжувањето и приходите создава нешто што може да се нарече должничко оптоварување.

Сè додека приходите продолжуваат да растат, должничкото оптоварување останува доволно ниско за да може да се истрпи. Но, истовремено, вредноста на средства вртоглаво расте. Како резултат на тоа, луѓето повеќе се задолжуваат за да инвестираат во средствата, а таквата побарувачка предизвикува уште поголема раст на вредноста на средствата.

Со текот на времето, луѓето добиваат чувство дека се богати. Дури и со акумулацијата на многуте долгови, растечките приходи и растот на вредноста на средствата им помага на зајмувачите да бидат сметани за кредитоспособни подолго време од што реално треба.

За работите да се вратат на место, таквата ситуација не смее да трае засекогаш. За среќа, по одредено време и доаѓа крајот.

Низ декадите, должничкото оптоварување полека расте и создава сè поголеми рати за отплата на долговите. Во одреден момент, отплатите започнуваат да растат побрзо од приходите, поради што луѓето се принудени да намалат со трошењето. А, со оглед дека трошењето на еден човек е нечиј туѓ приход, приходите започнуваат да се намалуваат поради што луѓето добиваат статус на помалку кредитоспособни, а паралелно на тоа, задолжувањето се намалува.

Отплатите на долговите сепак продолжуваат да растат, поради што трошењето се намалува уште повеќе од претходно. Со тоа, циклусот започнува да опаѓа, а највисоката точка од којашто почнува да опаѓа се нарекува врв на долгорочното задолжување.

Како функционира економската машина...

Должничкото оптоварување станува толку тешко, што меурот пука. Ова е тоа што му се случи на САД, Европа и поголемиот дел од светот во 2008.

Како функционира економската машина...

Поради истата причина се случи и во Јапонија во 1989, но и во САД во 1929.

По пукањето на меурот, економијата доаѓа во состојба на одзадолжување (слободен превод на англискиот збор deleveraging, кој претставува обратен процес на leveraging, што пак значи купување средства со позајмени пари наместо со свеж капитал).

Одзадолжување

Во фазата на одзадолжување, луѓето ги кратат трошоците, приходите опаѓаат, кредитите веќе не се даваат, цените на средствата опаѓаат, банките мора да се стиснат, берзата паѓа, општествените тензии растат, а целиот систем започнува да се разјадува одвнатре.

Како што приходите опаѓаат, а отплатата на долговите расте, тие што зајмуваат мора да се воздржат од нови заеми. Го губат статусот на кредитоспособни и веќе не можат да зајмат доволно пари за да ги отплатат постоечките долгови.

Во обид да ја пополнат дупката, зајмувачите се принудени да ги продадат средствата. Напливот од средства на пазарот од сите зајмувачи што се обидуваат да заработат нешто за да ги отплатат долговите предизвикува пад на берзата. Цените на имотите паѓаат и банките се соочуваат со проблеми. Како што цените на средствата паѓаат, паѓа и вредноста на имотите ставени како гаранција од зајмувачите. На тој начин, тие уште повеќе ја губат кредитоспособноста.

Како резултат, луѓето почнуваат да се чувствуваат сиромашни. Кредитите веќе не се возможни. Трошењето се намалува -> приходите се намалуваат -> богатството се намалува -> кредитите не се достапни -> луѓето помалку се задолжуваат и така натаму во круг, во еден суров циклус.

Ова е слично на рецесија, само што овде ситуацијата не може да се спаси со намалување на каматните стапки. Кога постои рецесија, централната банка може да ги намали каматните стапки за да стимулира задолжување. Но, кога постои фаза на одзадолжување, тоа нема да функционира затоа што каматните стапки се веќе намалени максимално можно, практично на 0%, поради што стимулацијата веќе нема ефект. Таков беше случајот со каматните стапки во САД, коишто изнесуваа 0% во времето на одзадолжување во 1930-тите години и повторно во 2008 година.

Разликата меѓу рецесија и одзадолжување е тоа што должничкото оптоварување на зајмувачите во време на одзадолжување е едноставно преголемо за да се истрпи и не може да се ублажи со намалување на каматните стапки. Заемодавците притоа сфаќаат дека задолжувањето е преголемо за да може воопшто да се отплати во иднината. Зајмувачите ја губат способноста да го вратат долгот, а нивниот имот паралелно губи вредност. Толку се онеспособени од задолженоста, што веќе не ни помислуваат да побараат нов заем! Заемодавците веќе не даваат заеми, а зајмувачите не ги ни бараат…

Замислете ја економијата како да е некредитоспособна, исто како некој поединец. Во тој случај, што сметате дека треба да се преземе во врска со одзадолжувањето?

Проблемот со одговорот на ова прашање е тоа што должничкото оптоварување е превисоко и мора да се намали. Постојат четири начини за тоа:

  1. Кратење на трошењето: луѓето, бизнисите и владите го кратат трошењето.
  2. Намалување на задолжувањето: долговите се намалуваат преку неисплаќање и реструктурирање.
  3. Прераспределба на богатствата: богатствата се прераспределуваат од оние што ги имаат на оние што ги немаат.
  4. Печатење пари: централната банка почнува да печати нови пари.

Овие 4 процеси се имаат случено практично во секоја економија во модерната историја каде што постоела фаза на одзадолжување (САД во 1930-тите, Обединетото Кралство во 1950-тите, Јапонија во 1990-тите, Шпанија и Италија во 2010-тите …).

Обично, првото што се прави е кратење на трошењето. Луѓето, бизнисите, банките, па дури и владите го затегнуваат ременот и го кратат трошењето за да можат да ги отплатат долговите до точка на аскетизам. Практично, зајмувачите престануваат да земаат нови заеми и почнуваат да се фокусираат на отплаќање на старите, поради што очекуваат да се намали должничкото оптоварување. Но, се случува токму спротивното!

Бидејќи се крати трошењето – а трошењето на еден човек е нечиј туѓ приход – приходите се намалуваат. Всушност, приходите опаѓаат многу побрзо отколку што се отплаќаат долговите, поради што се влошува и должничкото оптоварување.

Таквото кратење на трошењето предизвикува дефлација и многу болка. Бизнисите се принудени да ги скратат трошоците, што значи помалку работа и зголемување на невработеноста. Сето тоа води кон следниот чекор: намалување на задолжувањето!

Голем број зајмувачи доаѓаат во ситуација каде што не се способни да ги отплатат заемите, а запомнете, долгот на зајмувачот претставува средство на заемодавецот. Кога тие што имаат кредити не можат да ги исплатат кредитите на банките, луѓето почнуваат да се плашат дека банките нема да можат да им ги вратат парите што ги ставиле во своите банки, па затоа се избрзуваат со повлекување на сите пари што ги имаат во нив. Така, банките се ставени во тесно, а луѓето, бизнисите и банките не успеваат да ги отплатат и наплатат долговите.

Таквото сериозно економско згрчување се нарекува депресија. Депресијата всушност претставува ситуација кога луѓето дознаваат дека голем дел од она што сметале дека е нивно богатство, всушност не постои.

Да се вратиме на примерот со купување пиво со кредит (на вересија). Кога купувате пиво на вересија, на шанкерот му давате ветување дека ќе му платите во иднина. Вашето ветување станува средство за шанкерот, но ако го прекршите ветувањето – ако не го отплатите долгот – тогаш средството на шанкерот има нула вредност и буквално испарува.

Заемодавците не го посакуваат тоа и затоа се согласуваат за реструктурирање на задолжувањето. Реструктурирање на задолжувањето значи дека заемодавците ќе добијат помалку пари назад, или ќе ги добијат низ подолг временски период, или пак со пониска каматна стапка од првично договореното. Со прекршувањето на договорот, долгот некако се намалува, а заемодавците добиваат барем нешто назад, наместо ништо.

Иако долгот во таква ситуација се намалува, реструктурирањето на задолжувањето предизвикува побрзо исчезнување на вредноста на приходите и средствата, поради што должничкото оптоварување продолжува да се влошува.

Исто како со кратењето на трошоците и кратењето на долговите е болно и предизвикува дефлација. Сето тоа има влијание врз централната власт, бидејќи пониските приходи и помалата вработеност значат и помалку приходи од даноци за владата. Истовремено значи дека владата треба да го зголеми трошењето поради зголемената невработеност. Голем број од невработените имаат несоодветни заштеди и поради тоа им е потребна финансиска поддршка од неа. Освен тоа, владата е задолжена да создава планови за стимулација и треба да ги зголеми трошоците за да компензира за падот на економијата.

Како резултат на одзадолжувањето, дефицитот во буџетот на владата експлодира, бидејќи е принудена да троши повеќе отколку што може да собере од даноци. Тоа е тоа што се случува кога ќе слушнете на вести за дефицит во буџетот.

За да го финансира дефицитот, владата мора да ги зголеми даноците или да позајми пари. Но, приходите опаѓаат и се појавува голема невработеност, па од кого ќе ги добие тие пари? Од богатите.

Со оглед дека на владата ѝ се потребни повеќе пари и дека големиот дел од богатството скоро секогаш е сконцентрирано кај мал процент на луѓе, природно е владата да ги зголеми даноците за најбогатите, што пак помага во прераспределбата на богатството во рамките на економијата – од џебовите на тие што го имаат во џебовите на тие што го немаат.

Во депресија, сиромашните, коишто страдаат ради немаштијата, почнуваат да ги презираат богатите. Богатите пак, притиснати од слабата економија, падот на вредноста на средствата и повисоките даноци, почнуваат да ги презираат сиромашните.

Ако депресијата опстои подолго од што се посакува, постојат шанси за појава на општествени немири. Така, не само што тензијата во земјата расте, туку расте и меѓу соседните земји – особено ако тие соседни земји се во однос на заемодавец и зајмувач. Таквата ситуација може да предизвика политичка промена, којашто некогаш знае да биде екстремна.

Како функционира економската машина...

Така Хитлер дојде на власт во 1930-тите години од 20. век, така изби војната во Европа и се појави депресијата во САД.

При тоа, притисокот да се направи нешто со цел да се оконча депресијата, расте сè повеќе.

Запомнете, поголемиот дел од она што луѓето мислат дека е пари, всушност е кредит. Па така, кога кредитот исчезнува, се јавува недостаток од пари. Луѓето стануваат очајни за пари, а знаете кој е задолжен за печатењето пари? Централната банка.

Во ситуација кога веќе каматните стапки се намалени до 0%, таа е присилена да печати пари. За разлика од кратењето на трошењето, намалувањето на долговите и прераспределбата на богатството, печатењето пари знае да има ефект врз инфлацијата и стимулацијата.

На крајот, централната банка печати нови пари – од ништо – и ги користи за финансиски средства и владини обврзници. Истото се случи во САД за време на Големата депресија и повторно во 2008 година, кога централната банка испечати преку 2 трилиони долари. И централните банки низ светот го направија истото, тие што можеа.

Со купувањето финансиски средства со тие пари, таа помага во растот на вредноста на средствата, поради што луѓето стануваат повеќе кредитоспособни. Но, тоа се случува само со оние луѓе што поседуваат финансиски средства.

Значи, централната банка може да печати нови пари, но може да купува само финансиски средства. Централната власт од друга страна, може да купува добра и услуги, за парите од тоа да завршат во рацете на луѓето, но таа не може да печати нови пари. Па така, за да се стимулира економијата, централната банка и централната власт мора да соработуваат.

Со купувањето владини обврзници, централната банка во суштина и позајмува пари на власта, што и дозволува на власта да работи со дефицит и да го зголеми трошењето на добра и услуги преку своите програми за стимулација и бенефиции за невработени. Така, приходите на луѓето се зголемуваат, но се зголемува и задолженоста на власта. Но, така и се намалува вкупното должничко оптоварување во економијата.

Овие ситуации се многу ризични понекогаш. Креирачите на политиките мора да направат баланс меѓу четирите начини што се користат за намалување на должничкото оптоварување. Дефлациските начини, пак, треба да бидат во баланс со инфлациските начини, со цел одржување на стабилноста. Доколку се постават во правилен баланс, одзадолжувањето може да биде „прекрасно“.

„Прекрасно“ одзадолжување

Одзадолжувањето може да биде „грдо“ или „прекрасно“. А, како може едно одзадолжување да биде прекрасно?

Иако одзадолжувањето е тешка ситуација, справувањето со тешката ситуација на најдобар можен начин може да биде „прекрасно“. Многу попрекрасно од неизбалансираните екцеси на фазата на задолжување.

Кога одзадолжувањето е прекрасно, долговите се намалуваат релативно на приходите, реалниот економски раст е позитивен, а инфлацијата не е проблем. Сето тоа се постигнува со правилен баланс. За правилен баланс, потребна е одредена мешавина од кратење на трошењето, намалување на долговите, прераспределба на богатството и печатење пари, со цел одржување на економската и социјалната стабилност.

Луѓето обично се прашуваат дали со печатењето пари ќе се создаде раст на инфлацијата. Одговорот на тоа прашање е: нема, ако со тоа се компензира кредитот.

Запомнете, трошењето е најважното. Секој потрошен долар за којшто е платено со пари, го има истиот ефект врз цената како и потрошениот долар за којшто е „платено“ со кредит. Со печатењето пари, централната банка може да го компензира намалувањето на кредитот со зголемување на количината пари. За да може да направи пресврт на ситуацијата, централната банка не само што треба да го пумпа растот на приходите, туку тој раст да направи да биде поголем од каматната стапка на акумулираниот долг.

На што се мисли со тоа? Во основа, приходите треба да растат побрзо отколку што растат долговите. На пример: да претпоставиме дека една земја што преживува фаза на одзадолжување има сооднос на долговите наспрема приходите од 100% (1:1). Тоа значи, дека количината долг е иста со количината приходи што земјата ги има низ годината.

Замислете сега дека каматната стапка што земјата ја има за тој долг е 2%. Ако долгот расте за 2% поради таа камата, а приходите растат само за 1%, тогаш земјата никогаш нема да може да го намали должничкото оптоварување. Во таков случај, мора да се печатат доволно пари за стапката на раст на приходите да биде над каматната стапка.

Но, печатењето пари може многу лесно да се злоупотреби, бидејќи е лесно и поприфатливо за повеќето луѓе отколку алтернативите, коишто бараат жртви. Клучното во таква ситуација е да се избегне печатење на премногу пари, бидејќи така може да се предизвика преголема инфлација, исто како во Германија во 1920-тите години.

Ако креирачите на политиките постигнат правилен баланс, одзадолжувањето нема да биде премногу драматично. Растот ќе биде бавен, а должничкото оптоварување ќе се намалува. Тоа е тоа што се нарекува прекрасно одзадолжување.

Кога приходите почнуваат да растат, зајмувачите стануваат повеќе кредитоспособни. А кога тие се повеќе кредитоспособни, заемодавците повторно почнуваат да даваат заеми. Должничкото оптоварување конечно почнува да се смалува.

Кога луѓето можат да зајмат пари, можат и да трошат. Евентуално, економијата почнува да расте повторно, што води кон фазата на рефлација на циклусот на долгорочно задолжување.

Иако одзадолжувањето може да биде хорор, ако земјата не се справи со него како што треба, ако тоа се спроведе на добар начин, проблемот евентуално се поправа. Потребни се отприлика декада или повеќе за должничкото оптоварување да се намали, а економската активност да се врати во нормала, од каде и што доаѓа терминот „изгубена декада“.

Како-функционира-економската-машина...-15
Изгубена декада

Заклучок

Нормално, економијата е малку посложена од сето ова што беше кажано. Сепак, кога циклусот на краткорочно задолжување ќе се постави врз долгорочниот, а двата се постават врз линијата на растот на продуктивноста (косата линија), се добива разумно добар шаблон којшто ни кажува каде сме биле, каде сме во моментот и каде ќе бидеме во иднината.

Како функционира економската машина...

Запомнете ги барем овие три правила за да одржувате добра економија:

  1. Не дозволувајте долгот да расте побрзо од приходите, бидејќи евентуално должничкото оптоварување ќе ве згмечи.
  2. Не дозволувајте приходите да растат побрзо од продуктивноста, бидејќи на крајот ќе бидете неконкурентни.
  3. Направете сè што можете за да ја зголемите продуктивноста, бидејќи, долгорочно, тоа е тоа што е најважно од сè.

Ова не важи само за вас, како обични луѓе, туку и за креирачите на политиката. Можеби ќе се изненадите, но повеќето луѓе – па и креирачите на политика – не посветуваат доволно внимание на овие точки.

(Visited 45 times, 1 visits today)