ФРЕНOЛОГИЈА

Spread the love

Светот е полн со митови и таканаречена „junk science“, или на нашки, „шкартна наука“, позната и како „псевдонаука“, односно наука без издржана основа, со тврдења извадени од џеб и ниту една валидна студија како поддршка за тврдењето.

Викторијанско време

Многу митови за мозокот се произлезени во викторијанската ера, кога неврологијата започнува да добива подем во 19-ти век во Англија. Заедно со неа, започнала да се промовира и шкартната теорија наречена френологија.

Во тоа време, викторијанските научници почнале да осознаваат дека одредени делови на нашите мозоци се поврзани со одредени делови од нашето тело, како сетилата или мускулите.

Но, одредени научници почнале да ги мешаат таквите сознанија со свои теории базирани врз псевдонаука, односно идеи што погрешно наведуваат и коишто се шират молскавично брзо бидејќи играат со најниските страсти на луѓето без да се поддржани притоа со ригорозни научни истражувања. Резултатот бил френологијата.

Франц Јозеф Гал (9 март 1758 – 22 август 1828)
Франц Јозеф Гал (9 март 1758 – 22 август 1828)

Виенскиот лекар Франц Јозеф Гал, којшто се смета за автор на френологијата, тврдел дека карактерните особини кај луѓето, како религиозноста и љубопитноста, се поврзани со специфични региони од мозокот. Оваа помисла станала основата за френологија, којашто во суштина е теорија дека карактерот на луѓето може да се одреди преку анализирање на формата на черепот.

Па така, френолозите верувале дека човековиот мозок е составен од многу различни органи (иако е еден цел орган) коишто може да се поврзат со разни карактерини особини.

Мозокот навистина е поделен на разни региони (но не и органи), но тие тврделе дека што повеќе користиш одреден орган на мозокот, толку повеќе тој орган расте и обратно, слично како што функционираат мускулите.

Франц Јозеф Гал испитува глава на млада девојка
Франц Јозеф Гал испитува глава на млада девојка

Според френолозите, черепот е тој којшто се прилагодувал на обликот на мозокот, а тоа укажувало на тоа кои органи на мозокот се поголеми, а кои помали. Теоретски, според нив, ако анализираме нечиј череп би можеле да дознаеме повеќе за карактерните особни на тој човек.

Во раните 1800-ти френологијата била многу популарна низ Британија, а потоа се проширила и кон Америка, Франција и Германија. Иако и во тоа време мнозинството научници ја сметале френологијата за шкартна наука базирана врз недокажани претпоставки, сепак тогаш немале доволно докази за да ја побијат како што имаме денес.

Слично како и во случајот на хороскопот, така и френологијата на луѓето им нудела субјективна валидација. Освен тоа, природно луѓето ги обожаваат идеите каде што нештата се вистинити или значајни за своја лична придобивка. Во овој случај, валидацијата е дека тие се посупериорни од другите луѓе коишто имаат поинаква форма на череп.

Но, на крајот френологијата не придонела за ништо освен за оправдување на расната и класната нееднаквост меѓу луѓето. Тие од повисоките класи ја користеле френологијата за да си ја оправдаат својата „супериорност“ бидејќи наводно имале совршено обликуван череп.

Тие од пониските класи пак ја имаат прифатено оваа псевдонаука бидејќи таа им велела дека можат да ги развијат органите на својот мозок за тие да станат поголеми (и посовршено обликувани), што пак ќе им помогнело да бидат поуспешни.

Расизмот под маската на френологијата

Американскиот лекар Семјуел Мортон пак имал уште поштетни тврдења за општеството. Во својата книга Crania Americana од 1839 година, тој тврдел дека белците се посупериорни во однос на другите раси, како црнците или американските домородци, поради краниометријата (димензиите на черепот), училиштето што го посетуваат, па дури и големината на мозкот, тврдења кои според денешни стандарди се ништо повеќе туку чист расизам.

Под маската на френологијата, голем број научници кои во суштина биле големи расисти, се обидувале да ги рационализираат идеите за робовладетелство и колонизирање (коешто само по себе произведувало робовладетелство). Имало дури и такви што иако верувале во френологијата, тие биле против робовладетелство и сметале дека треба да ги заштитиме таквите инфериорни раси.

Падот на френологијата

Кон средината на 1800-тите, како што науката се развивале и сè повеќе се дознавало за тоа како мозокот функционира, луѓето почнале да ја препознаваат расистичката позадина и ненаучната основа на френологијата и за многу брзо време оваа псевдонаука почнала да станува непопуларна.

Како прво, формата на черепот е таа којашто ја одредува формата на мозокот, а не обратно. А, второ, мозокот не расте и не се намалува физички како што тоа го прават мускулите ако земете да го вежбате интелектуално. Единствено кога тој расте е кога растеме како деца.

Френолозите исто така погрешно верувале дека мозокот е составен од посебни органи, кога всушност тој претставува една целина (еден орган) со еден куп вмрежени клетки.

Единствено нешто за коешто биле во право е дека мозокот е организиран просторно и поделен на разни региони (што не е исто со тоа да биде поделен на различни органи) коишто се поврзани со разни функции, нешто што денес се нарекува функционална специјализација.

Францускиот лекар Пол Брока придонел одредени докази во 1860-тите коишто ја поддржувале идејата на функционална специјализација. Тој открил дека оштетувањето на предниот заоблен дел на мозокот (предната лоба) може да создаде проблеми во говорот без притоа да влијае врз разбирањето на зборовите и говорот на тие околу вас.

Во 1870-тите, Густав Фрич и Ј.Л. Хициг експериментирале со стимулирањето на разни делови од мозочната кора на кучиња. При стимулациите на одредени региони, тие откриле дека можат да поттикнат движење на разни делови од телото. Натамошните експерименти во оваа насока им помогнале на научниците подобро да ги разберат различните региони на мозокот.

Кон почетокот на 20 век, френолошките мапи на мозокот, коишто назначувале карактерни особни на произволно избрани региони од мозокот, веќе биле заменети со денешните мапи на мозокот засновани врз експерименти кои ги покажуваат и докажуваат различните функции на регионите на мозокот.

Со развојот на технологиите, како што е магнетната резонанца и компјутерската томографија, како и поголемите разбирања во поглед на операција на мозокот, нашите разбирања за неврологијата продолжиле да растат низ 20 век.

Денес нема ниту еден (разумен) научник што нема да се сложи дека френологијата е шкартна наука и дека обликот на главата нема апсолутно никаква врска со личниот карактер или моралната длабочина.

Иако френологијата никогаш немала научна основа и дефинитивно била користена за оправдување на штетни идеи, најпозитивното нешто што искочило од неа е да не поттикне да размислуваме покритички кон биологијата.

(Visited 7 times, 1 visits today)