„Животот“, примарниот таксономски ранг

Spread the love

Животот е првиот таксономски ранг во биолошката класификација. Како што знаеме, постојат живи и неживи материи. Живата материја се разликува од неживата според тоа што таа има биолошки процеси, односно процеси на самоодржување.

Според тоа, постојат различни форми на живот, како што се растенијата, животните, габите, протистите (*едноклеточни и едноклеточни-колонијални организми што не формираат ткиво), археите (*прокариоти, односно немаат клеточно јадро) и бактериите.
Критериумите за формите на живот некогаш се двосмислени поради што може, но и не може да ги дефинираат вирусите, вироидите или потенцијалниот синтетички живот како „живот“.

Моментално не постои консензус за дефиницијата на животот. Една популарна дефиниција вели дека организмите се отворени системи што одржуваат хомеостаза (*состојба на одржување на постојана внатрешна рамнотежа на организмот при најразлични надворешни промени), составени се од клетки, имаат животен циклус, искусуваат метаболизам, можат да растат, да се адаптираат на животната средина, можат да реагираат на стимуланси, да се репродуцираат и еволуираат. И покрај тоа, постојат предлози и за други дефиниции, но и случаи на организми што се граничат со дефинициите за живот, како со вирусите или вироидите.

Природниот процес на создавање живот од нежива материја, како што се едноставните органски соединенија, се вика абиогенеза. Хипотезата што преовладува во науката вели дека транзицијата од нежив во жив ентитет не претставува единечен настан, туку постепен процес на зголемена комплексност.

Животот на земјата за првпат се појавил пред 4,28 милијарди години, веднаш по формирањето на океаните пред 4,41 милијарди години и формирањето на самата планета пред 4,54 милијарди години.

Таа бројка е добиена по пронаоѓањето на микрофосили на бактерии, коишто се сметаат за најпрвата форма на живот.

Истражувачите генерално сметаат дека моменталниот живот на земјата потекнува од периодот на „RNA хипотетичката фаза на еволуционата историја на живот на Земјата. Во таа фаза, самореплицирачките RNA-молекули се размножувале далеку пред да еволуира DNA и протеините.

Но, не е сосема познато дали животот заснован врз RNA бил првата форма на живот воопшто.

Класичниот Милер-Уреј експеримент од 1952 година, но и сличните нему истражувања, демонистрирале дека повеќето аминокиселини, коишто претставуваат хемиски составни елементи на протеините во сите живи организми, може да се синтетизираат и од неоргански соединенија во соодветни услови.

Голем број сложени органски молекули може да се најдат низ целиот Сончев систем и во меѓуѕвездениот простор, а токму тие молекули се можеби материјалот што помогнал да отпочне развојот на животот на Земјата.

(Visited 12 times, 1 visits today)