Аурора, сега!

Spread the love

Низ човечката историја, спектакуларните ерупции на феноменот аурора имаат предизвикано и инспирирано голем број стравопочитни верувања за митолошки суштества, опеани во фолклорот, со влијание врз културата, религијата и уметноста.

Денес, пак, знаеме дека аурора не претставува ништо повеќе од само видлива манифестација на интеракцијата на вселената со нашата атмосфера, која се случува кога честичките со електронски набој од Сонцето се судираат со атмосферата на Земјата. Таквите честички ги носат соларните ветришта — кои се струења на постојани електрони, протони и потешки јони — што доаѓаат од Сонцето и коишто ако не беше земјината атмосфера, ќе спржеа сè живо пред себе.

Во далечната истражувачка станица на Антарктикот наречена Конкордија (прикажана на сликата), медицинската докторка Надја Албертсен е една од оние луѓе што имаат привилегија да уживаат во преубавата и безопасна манифестација на аурора аустралис (познати и како „јужните светла“). На својот блог, таа вели:

„За момент го тргам погледот од хоризонтот и самракот и забележувам огромен појас на небото, како огромна завеса, прво со бела боја, а потоа зелените нијанси полека стануваат видливи. Не грешам, тоа е аурора!“

Конкордија е истражувачка станица што ја водат француски и италијански поларни организации, чија цел е собирање секакви податоци, од такви за глечерите до податоци за астрономијата и климата. Низ целата година, Надја помага во голем број експерименти во станицата фокусирани кон ефектите што долгата изолација, недостатокот од светлина и екстремните температури ги имаат врз човековото тело и ум.

„Аурора е неверојатно доживување кое тешко дека некому би му се здосадило – дури и ако цел живот живеете покрај неа“, вели докторката Надја.

Но, сета таа убавина има своја цена, а аурора не потсетува дека живееме покрај активна ѕвезда којашто може сериозно да го уништи секојдневниот живот и при најмалата аномалија во нашата атмосфера.

Сонцето ја дарува Земјата со живот, светлина и топлина, но треба да запомниме и дека тоа е огромна вжештена топка со нестабилни гасови, 1,3 милиони пати поголема од Земјата.

Непредвидливото и темпераментно Сонце испушта интензивна радијација и колосални количини енергетски материјал во секоја насока, постојано создавајќи променливи услови во вселената, познати како „вселенско време“ (на анг.: „space weather“).

Аурора на човештвото му нуди визуелен начин за студирање на вселенското време. Ни кажува дека не можеме да го контролираме нашето сонце, но и дека навремените соларни предупредувања можеме да ги искористиме за да создадеме превентивни мерки за општите загуби и катастрофите што силните соларни ветришта можат да ги предизвикаат на Земјата.

(Visited 15 times, 1 visits today)